Словенечкиот министер за внатрешни работи Алеш Хоjс предупреди дека предлогот на Европска Комисија за издавање на сертификати за вакцинација против Ковид-19 е дискриминирачки кога поголем број граѓани  немаат пристап до вакцината.

– Мислам дека ова е многу, многу дискриминирачки, нагласи тој на виртуелен разговор со новинари од словенечките медиуми во Брисел.

Според него, тоа би значело дека привилегираните ќе бидат вакцинирани, ќе имаат сертификат за вакцинација и ќе можат да патуваат, додека повеќето луѓе немаат ниту пристап до вакцината.

Хојс оцени дека тоа би бил лош потег, со оглед на брзината на вакцинирање во Словенија поради ограничените резерви на вакцини.

ЕК утре ќе претстави предлог за дигитален зелен сертификат, што ќе го олесни патувањето за време на пандемијата со Ковид-19 во рамките на ЕУ. Сертификатот треба да содржи информации за вакцинација, негативен тест или потврда за имунитет.