Државниот завод за статистика денеска објави конкурс за пријавување на кандидати за реонски попишувачи и реонски инструктори кои во периодот од 1 до 21 април ќе го спроведуваат попишувањето на терен во рамките на Пописот 2021.
На конкурсот можат да се пријават сите полнолетни државјани на Македонија кои се невработени, кои имаат завршено најмалку средно образование и имаат компјутерски вештини.
Пријавувањето се врши преку електронска апликација достапна на веб-страницата popis2021.stat.gov.mk, а сите детали поврзани со конкурсот и условите се содржани во огласот објавен во дневните весници „Нова Македонија“, „Вечер“, „Слободен печат“ и „Коха“.
Во меѓувреме тече и граѓанската акција што ја координира опозициската ВМРО-ДПМНЕ за собирање потписи за укинување на Законот за попис, поради неговото спроведување во време на пандемија, со што е загрозено здравјето на граѓаните.
Поради пандемијата одложени се пописите во повеќе земји, а кои беа планирани за годинава. Само власта во Македонија упорно инсистира за спроведување на оваа статистичка операција во време кога нема обезбедено ниту една вакцина, а секој ден се соопштуваат високи бројки на заболени од коронавирусот и за жал голем број на смртни случаи.