Рекордни врнежи од дожд и обилни поплави ги принудија властите да ги повикаат на евакуација на жителите долж источниот брег на Австралија каде што се прелеа главната брана во близина на Сиднеј, првпат по 30 години.
Властите го повикаа населението да се евакуира од ниските зони на источниот брег по обилните дождови што може да предизвикаат поплави и да ги загрозат животите.
„Дождовите беа многу силни и ги надминаа рекордите“, изјави Агата Имјелска од Австралиската метеоролошка служба.
Стотици луѓе се собраа во центрите за евакуација северно од Сиднеј, во австралиската држава Нов Јужен Велс, а властите проценуваат дека многу други ќе бараат засолниште бидејќи дождот продолжува да врне.
Според Метеоролошката служба, поплавите го надминале рекордното ниво од 2003 година во близина на Порт Макер, 400 километри северно од Сиднеј. Повеќе од 400 милиметри дожд наврнаа во тоа подрачје од вчера изутрината, според метеоролозите.
Властите ги советуваа локалните жители да не ги напуштаат своите домови поради можни ненадејни поплави што можат да ги загрозат нивните животи.
Предупредувања за поплави се издадени од Порт Макер на 500 километри јужно од Сиднеј.
Браната Варагамба, која го обезбедува главниот дел од водата за пиење во Сиднеј, започна да се преплавува денеска, што според експертите е првпат тоа да се случи од 1990 година.
Експертите велат дека брзата урбанизација на зоните околу браната од 1990 година направи вишокот вода повеќе да не може брзо да се апсорбира во земјата.
Најлоши поплави има на крајбрежјето северно од Сиднеј. Телевизиите ги покажуваат улиците во градовите и села под вода.
Австралискиот премиер Скот Морисон понуди помош на армијата и рече дека сцените со поплавите „целосно го кршат срцето“.
Јавната телевизија Еј-Би-Си објави дека невремето исто така ќе ја забави кампањата за вакцинација против Ковид-19, во Сиднеј и околината.