Пратеникот Сергеј Попов објави статус на стовот фејсбик профил дека на СДСМ им пречи што Македонија се гради и напредува, но и дека завршило времето кога се правеа национални отстапки.
„ЗОШТО ТАЛОГ? Затоа што не се радуваат на независноста на државата. Не се радуваат што по долги години Македонија повторно вложува сериозен напор својата независност да ја одбележи достоинствено и гордо. Не им се допаѓаат полните плоштади, народот кој ја сака државата, растечкото чувство на припадност и патриотизам – истакнува пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов во објава на Фејсбук, што МИА го објавува интегрално.
Им пречи што Македонија се гради и напредува.
А имаа прилика. Повеќе пати. Триесет години имаа можност да градат држава. Наместо тоа, правеа национални отстапки, без никакви суштински проекти, без нови автопати и железници, без нови стадиони и без значајни инвестиции. Доаѓаа на власт, не испорачуваа, предаваа и си заминуваа.
И најважно, кога народот ќе ги казни на избори, тие не гледаат во сопствените грешки. Поразот го доживуваат како нарушување на некаков „природен поредок“, наместо како јасна порака од граѓаните. Тие се имаат за од бога предодредени да владеат.
Денес, од опозиција, наместо критика и предлози, гледаме дефетизам, лаги, песимизам, поделби и создавање паника.
Сакаат народот да поверува дека ништо не може да се промени. Дека сите се исти. Дека Македонија не може да успее.
Затоа што само во апатија и безнадежност можат повторно да најдат простор за себе во политичкиот дискурс.
Ама талогот не е народот. Талогот е политичката структура која со години живееше од народот, го разочаруваше и предаваше одново и одново, а денес се обидува да му ја згасне и надежта.
Криво им е, беа измеќари на непријателите на Македонија и правеа прослави за се на чело со ДУИ, освен за независноста и на народот важните денови. Такви прослави веројатно и не смееја да прават, поради политичка коректност де, прогресивно. Затоа и народот ги има за одродени.
И затоа им пречи кога се слави македонштината.
Им пречи кога народот се радува.
Им пречи кога државата се гради.
А најмногу им пречи што и граѓаните веќе го препознаваат талогот.
Доволно беше“.




