Министерката за правда на Србија, Маја Поповиќ оцени денеска дека протестот синоќа во центарот на Белград бил обид за насилна промена на уставното уредување и дестабилизација на државата, од која, како што рече, никој „без оглед на помош од странство“, не е посилен.
Таа во соопштение наведува дека „екстремистичките групи на вчерашниот собир пред Претседателството, повикувајќи и поттикнувајќи насилно да се промени уставното уредување и да се соборат највисоките државни органи и претставници на тие органи, се обидоа да ја дестабилизираат државата“.
Поповиќ рече дека „Србија е силна и стабилна земја, способна да спречи секаков екстремизам и да го зачува својот интегритет и уставен поредок“ и додаде дека „надлежните органи одлучно, ефикасно и одговорно ја вршат својата работа, со цел да го заштитат мирот и безбедноста на граѓаните”.
Посочи и дека „сите кои вчера повикувале на насилна промена на уставното уредување и направија други кривични дела и прекршоци ќе бидат соодветно процесуирани во согласност со законите на Србија“.
„Ниту една екстремистичка група, без оглед на помошта од странство, не е посилна од државата“, рече Поповиќ.