РС Македонија, како земја со големи шанси ова лето да ги отпочне преговорите со ЕУ, има обврска да изгради медиумски систем со кој се гарантира слободата на изразувањето, независноста на медиумите и медиумскиот плурализам, рече министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, денеска на конференција во Сараево на тема „Финансирањето на јавните медиумски сервиси на Западен Балкан“.

Како што соопшти владината прес служба, говорејќи за моделот на финансирање на МТВ, министерот Поповски нагласил дека јавниот сервис мора да биде независен од сите центри на моќ и да им служи само на интересите на граѓаните. Тој посочил дека медиумските реформи уште од самиот старт биле и останале на врвот на приоритетите на Владата на Република Македонија.

– Со измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудио визулени медиумски услуги се очекува да се обезбеди професионален, независен, ефикасен и отчетен јавен радиодифузен сервис и транспарентно, независно, ефикасно и отчетно регулаторно тело во областа на аудио и аудиовизулените медиумски услуги, истакнал Поповски.

На конференцијата на која биле презентирани моделите на финансирање на јавните медиумски сервиси во земјите од Западен Балкан присуствувале и претставници на националните јавни радиодифузни сервиси, претставници на националните медиумски регулатори, владини претставници и претставници на релевантни невладини организации од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Србија и Косово