Интензивно се работи на рехабилитација на автопатската делница Скопје-Тетово која е во должина од 17 километри. Досега се рехабилитирани и асфалтирани девет километри, а до крајот на јуни се очекува да завршат работите на едната страна од автопатот од Скопје кон Тетово.
Увид во работата на автопатската делница Сарај – Групчин направија министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, заменикот Садик Беќири и директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов.
– Покрај реконструкцијата на автопатот од Скопје до Тетово, во втората половина на 2018 година преку Јавното претпријатие за државни патишта ќе се распише тендер за проектирање за реконструкција на патот од Тетово до Гостивар на ниво на стандарден автопат. Во меѓувреме се работи на реконструкција на државниот пат од Гостивар до Кичево, со вкупна вредност на инвестицијата од преку шест милиони евра, а во тек е и проектирање за изградба на нов автопат од Гостивар до Кичево и секако продолжуваме со изградба на автопатот од Кичево до Охрид, истакна министерот за транспорт.
Директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов потенцира дека се работи на рехабилитација на 17 километри автопатска делница во вредност од 70 милиони денари.
– Досега се рехабилитирани и асфалтирани девет километри. Интензивно ќе се работи и овој месец и до крајот на јуни треба да заврши рехабилитацијата од едната страна од Скопје кон Тетово, изјави Китанов. .
За реконструкцијата на оваа автопатска делница се обезбедени 1,1 милион евра од Буџетот на ЈП за државни патишта. Градежните работи почнаа во ноември 2017 година.