Поради семејно насилство, лишени од слобода биле три лица изминатото деноноќие на територија на државата.
Како што денеска информираа од Министерството за внатрешни работи, вчера во 17:10 часот во Велес, полициски службеници од СВР – Велес лишиле од слобода 36-годишен велешанец, постапувајќи по претходна пријава, дека ѝ се заканувал на неговата 33-годишна вонбрачна партнерка пред домот каде таа престојувала, а истото се случило и неколку дена претходно. Известени биле јавен обвинител и социјален работник и по документирање на настанот, како што соопштија од МВР, ќе биде поднесена соодветна пријава.
– Вчера во 00:22 часот во СВР – Охрид е пријавено дека Х.В. од Охрид, во семејниот дом бил агресивен кон членови на неговото семејство. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава – појаснија од МВР.
Исто така вчера, во 13 часот во Тетово, полициски службеници од ПС – Тетово го лишиле од слобода Н.К., на возраст од 39 години, од село во општина Боговиње.
– Претходниот ден во 15:30 часот, тој бил пријавен од неговата 41-годишна сопруга дека во нивниот стан физички ја нападнал. Тој е задржан во полициска станица и по документирање на случајот, против него ќе следува соодветен поднесок – соопштија од МВР.
Денеска пак, во 00:10 часот во Свети Николе, полициски службеници од ОВР – Свети Николе го лишиле од слобода Н.И., на 27-годишна возраст, по претходна пријава дека во домот физички ја нападнал неговата мајка.
– По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок – додадоа од МВР.




