Веќе неколку дена населбата Скопје Север нема парно греење. Во екот на зимата, на ниски температури, жителите од овој дел од градот останаа без греење, објави ТВ21.

Агим Лека, вели дека не е фер што немаат греење, иако имаат склучено договор.

-Се однесуваат како што им е ќеифот, не се казнувани од никого, не поднесуваат сметка пред никого, а граѓаните остануваат без услугата која ја плаќаат за да биде квалитетна. И ова што се случува сега со покачувањето на цената на сред сезона не е во ред, бидејќи ние склучуваме договор со компанијата. Склучуваме договор по одредена цена, тие не ни ја кажуваат бидејќи во меѓувреме можат да се покачат цените… тогаш ќе мора да бараме алтернативни извори – вели Агим Лека, граѓанин на Скопје Север.

Граѓаните се обиделе да стапат во контакт со „Топлана Скопје Север“, но како што велат, телефонот бил исклучен, па поради тоа биле принудени да се јават на приватни броеви за да добијат одговор.

-Се обидовме да контактираме со Топлана, но телефонот беше исклучен. Се јавивме на приватните броеви што ги имаме и ни рекоа дека најлошо е тоа што поради празниците нема да имаме греење до понеделник или вторник – велат граѓаните.

Од „Топлана Скопје Север“ велат дека проблемот е поголем отколку што изгледа. Објаснуваат дека побарале помош од надлежните органи поради недостигот на гас.

-Врз основа на договорот за снабдување со природен гас за 2022 година со Макпетрол Пром Гас имаме обврска авансно да ги плаќаме месечните планирани количества природен гас. Поради енормно зголемените цени на природниот гас друштвото претрпе ненадоместлива штета и не беше во можност да ги обезбеди потребните финансиски средства за природен гас. Од страна на Макпетрол Пром Гас на ден 05.01.2022 година во 10 часот направен е прекин во испораката на природен гас, а со тоа и прекин во испораката на топлинска енергија до корисниците – пишува во одговорот што го испратиле до ТВ21.

Од „Топлана Скопје Север“ додаваат дека за да се надмине проблемот потребно е да се вклучат и надлежните институции за да се исплати заостанатиот дол за испорачаната топлинска енергија, со што истовремено би се обезбедила и дополнителна финансиска помош која би придонела за натамошното функционирање на Топланата.