Не за рудникот на смртта гласи пораката од еден од транспарентите со кои стотици екологисти и граѓани денеска протестираа во Струмичко против отворањето на рудник во Иловица – Штука.
„Не за рудници“ порачаа демонстрантите кои со свричиња и транспаренти го кренаа гласот против одлуката на Владата да ги спои концесиите и да дозволи во Иловица да се отвори рудник.
– Немојте да мислите дека ќе се отвори рудник, зашто тоа ќе доведе до отворени насилни судири и дестабилизација на државата. Такво нешто никогаш нема да има, порача еден од демонстрантите.
Спојувањето на концесиитее од страна на Владата беше наречено „криминален заговор против сите граѓани на Македонија“ и беше побарано концесијата да биде одземена и да нема рудник.
Со соопштение се огласија и од Еуромакс ресорсис:
„Со денешниот протест се врши груб притисок врз надлежните државни институции за да се принудат наместо да одлучуваат согласно позитивните законски прописи, да ја стават најголемата инвестиција од независноста во дневно политичка агенда. Потенцијалната штета од ваквиот неодговорен пристап би била меѓународна арбитража со најмалку 1 милијарда евра наплатени од македонскиот државен буџет, односно од џебот на граѓаните. Во рударскиот комплекс Иловица – Штука ќе се применуваат најбезбедни и најсовремени методи за експлоатација на минерални суровини. Нема никаква основа за било каква грижа дека здравјето на граѓаните и животната средина се под некаква закана“, се вели во подолгото соопштение од Еуромакс ресорсис во врска со денешниот протест.