Френсис Хојген, која беше вработена во Фејсбук, на сведочењето пред Конгресот истакна дека производите на тие компании им штетат на децата и ја поттикнуваат поларизацијата во САД и дека директорите на таа социјална мрежа ги отфрлаат промените бидејќи нивниот профит е поважен од безбедноста.
Хојген, која сведочеше во Сенатот пред Поткомитетот за заштита на потрошувачи, ја обвини компанијата дека е свесна дека Инстаграм (сопственост на Фејсбук) им штети на одредени тинејџери и дека компанијата не е искрена во својата јавна борба против омразата и дезинформациите. Хојген ги потврди тврдењата против Фејсбук со десетици илјади внатрешни документи што тајно ги копирала пред да ја напушти својата работа во одделот за граѓански интегритет. Таа, исто така, поднесе жалба до федералните власти, тврдејќи дека внатрешните истражувања покажале дека компанијата влијае врз зголемување на говорот на омраза, дезинформации и политички немири, но дека ги крие тие информации.
Хојген вели дека одлучила да излезе во јавност со своите тврдења бидејќи смета дека „производите на Фејсбук им штетат на децата, поттикнуваат поделби и ја ослабуваат демократијата“.
„Лидерите на компанијата знаат како да ги направат Фејсбук и Инстаграм побезбедни, но ги отфрлаат неопходните промени бидејќи нивниот астрономски профит е поважен од луѓето. Конгресот треба да реагира. Нема да ја решат оваа криза без ваша помош“, предупреди Хојген за време на нејзиното сведочење на сослушувањето во Сенатот.
Волстрит Џурнал неодамна објави дека внатрешните документи на Фејсбук покажуваат дека компанијата била свесна за негативните ефекти од своите производи, но не презела посериозни чекори за борба против потенцијално штетните последици.
Поткомитетот на Сенатот истражува како Фејсбук користел информации од своите истражувачи за Инстаграм што може да укаже на потенцијално штетно влијание врз младите корисници, особено девојчињата, а во исто време се обидува да го минимизира значењето на негативните последици.
„Компанијата намерно криеше клучни информации од јавноста, американската влада и владите низ целиот свет. Документите што ги испратив до Конгресот докажуваат дека Фејсбук постојано ја мами јавноста за резултатите од внатрешната истрага за безбедноста на децата, ефикасноста на нејзините системи за вештачка интелигенција и нејзината улога во ширењето екстремни пораки што предизвикуваат поделби“, нагласи Хојген во Сенатот.
Фејсбук привремено престана да работи на својот проект Инстаграм Кидс (Инстаграм за деца) поради стравувањата од потенцијално штетното влијание на платформата врз младите луѓе, вклучително и појава на вознемиреност и депресија.