Поранешниот комесар на Кипар во ЕУ за хуманитарна помош и управување со кризи Христос Стилианидис е новиот министер за климатски кризи и цивилна заштита на Грција, во новоформираното грчко Министерството, јави дописничката на МИА од Атина.
Одлуката на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ја соопшти владиниот портпарол Јанис Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите и рече дека на Стилианидис од Кипар ќе му биде доделено почесно грчко државјанство.
На позицијата заменик-министер назначен е поранешниот началник на Генералштабот на военото воздухоловството Евангелос Турнас.
Стилианидис и Турнас доаѓаат во новоформираното Министерство кое остана празно откако поранешниот началник на Генералштабот на армијата и поранешен министер во Владата на СИРИЗА Евангелос Апостолакис одби да ја прифати министерската функција соопштена за време на реконструкцијата минатата седмица.
Христос Стилианидис е роден на Кипар, во периодот од 2014 до 2019 година беше еврокомесар од Кипар, претходно ја имаше функцијата портпарол во Владата на Никос Анастасиадис, а неколку години беше и пратеник во кипарскиот Парламент.
Новиот министер за климатски кризи и цивилна заштита и неговиот заменик во петок ќе положат свечена заклетва.