Очекувам судири во сабота во Скопје, вели поранешниот заменик министер за надворешни работи на Бугарија Милен Керемедчиев. Во гостување на БТВ, вели дека евентуални инциденти може да бидат предизвикани од страна на две бугарски политички партии, се со цел подобрување на нивните резултати на изборите кои следуваат.

-Очекувам судири, затоа што гледаме дека со таква подготовка се тргнува од определени политички сили и нивните симпатизери кон Северна Македонија. Во Бугарија е предизборна ситуација и две политички сили прават се што е возможно да го кренат својот резултат, едната се врати во Парламентот, а другата да подобри својот резултат во Парламентот, изјави Керемедчиев.

Кон подобрување на ситуацијата сигурно не помагаат пораките кои секојдневно доаѓаат од лидерите на ВМРО-БНД и Преродба, Ангел Џамбаски и Костадин Костадинов. На смиреност повикува поранешниот бугарски претседател Петар Стојанов. Од неговиот кабинет порачуваат провоцирање на судири би претставувало неприфатливо сквернавење на гробот на Гоце Делчев.

-Тоа ќе фрли лоша сенка не само на односите меѓу нашите најблиски земји, туку и врз оние што загинаа за слободата на Македонија од османлиската власт.​​ Не треба да дозволиме одделни групи луѓе во која било од двете земји, свесно или несвесно, да ги уништат делата на нашите предци, се вели во соопштението на кабинетот на поранешниот бугарски претседател.

Од кабинетот на Стојанов повикуваат политичарите од Софија и Скопје со сите сили да соработуваат во спречувањето на говорот на омраза, кој велат е штетен за двете општества и иднината на двете земји.