Нестабилно време со пороен дожд, град и грмежи има во југоисточните делови на државава, Струмица и Радовиш како и во Пелагонија, Прилепско. Нестабилност во форма на невреме со пороен дожд и грмежи, а според радарската слика и со појава на град, ја зафати и скопската котлина, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.
Процесите, како што се наведува, засега се поинтензивни во источниот и југоисточниот дел од котлината, но во наредниот час можно е да биде зафатена и целата територија на главниот град.
Од УХМР посочуваат дека нестабилното време ќе се задржи и до крајот на денот, на повеќе места и понатаму со пороен дожд и грмежи, а локално со поинтензивни процеси, засилен ветер и појава на град.