Судијката Добрила Кацарска е автор на пресудата КОК – 40/18 од 15 март 2019 година, донесена ВО ИМЕ НА ГРАЃАНИТЕ НА „СЕВЕРНА“ МАКЕДОНИЈА, во врска со настаните од 27 април 2017 година, со која 16 (шеснаесет) Македонци се прогласени за виновни и се осудени со драконски казни од 7 до 18 години казна затвор (за 16 обвинети вкупно 210 години затвор), за наводно сторено кривично дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од член 313 од Кривичниот законик. Тоа не ги задоволи нејзините големи апетити за неправда, па донесе и пресуда против Гордана Јанкуловска, со која повреди се што значи човекови права и праведно судење. Одиме со ред.
Во случајот “27 април“ таа донесе судска пресуда напишана на 1055 страни. Своевремено цели два дена ја читав пресудата и не можев да ја исчитам и дочитам. Каква невидена судијска патолошка скрибоманија и тафтологија од страна на судијката Кацарска, помогната и поддржана од обвинителката Вилма Русковска. Двете заедно, притиснати и истовремено заштитени, од полициско-политикантските врхушки на режимот во кој западна Република Македонија, во стил на средновековни инквизитор(к)и, ен-ка-ве-де цензор(к)и и агитпроп полит-комесар(к)и, обвинувајќи и судејќи, наместо ПРАВДА, нехумано, ѕверски, нестручно и паушално, како од ракав, делат НЕПРАВДА.
Бидејќи пресудата е ненормално долга како Кинескиот ѕид, кога ја читав, едвај ја дочитав. Одлучив, се додека, темелно не ја проучам, да не ја анализирам и коментирам нејзината содржина во целост и на поедините конкретни делови(диспозитив, изрека, образложение, утврдена фактичка состојба, анализа на докази). Ама, не издржав до крај. Крива е неправдата на Кацарска, а секако и мојата желба да ја разобличам, и барем малку да им помогнам на неправедно осудените.
После првото мое читање на пресудата, од почеток до крај, прва мисла што ми дојде, во смисла на уставната и законската незаснованост на пресудата, е мислата на Монтескје, таткото на Европското право: “Има два вида на расипаност – првиот вид, кога народот не се покорува на законите, и другиот, кога народот ќе го расипат самите закони. Ова второто зло е неизлечиво, бидејќи е во самиот лек“.
Погодувате, првото зло се однесува на криминалците, кои ги прекршуваат законите, а второто зло е кога се носат неуставни и незаконски одлуки, во случајот од Собранието на Република Македонија(селективна и наместена амнестија, насилно менување на Уставот на РМ), и обвинителството и судот(решенија за истраги, притвори, обвинителни акти, пресуди) кои не се на закон засновани, и што е најважно – тоа зло е неизлечиво, бидејќи е во самиот лек(одлука, решение, пресуда).

Тогаш, прво прашање што си го поставив, беше, Кво вадис Ius? (каде оди правото – во Македонија?). Одговорот е правото отиде во бездна со што стана неправо. Второ, Кво вадис Iustum? (каде оди правдата? – во Македонија). Одговорот е правдата е изгубена во судските лавиринти и е недостапна за онеправданите граѓани. И трето: Кои вредности ги штити нашето право со таков вид на пресуди? Одговор: нема вредности, тие од Кацарска и сличните на неа, се еродирани до целосна распаднатост.
Овие прашања, тогаш со право ги поставив, а беа директно исправоцирани од овие кривично-правни процеси, кои не се втемелени во правото. Така е, бидејќи се продуцирани во реваншистичко-геноцидните лаборатории на политичко-полициските и судско-обвинителските орди кои хараат низ уставните, државните и политичките институции во Македонија. Сето ова, со факти и аргументи, го објаснував во сите мои јавни настапи. Напишав две анализи и упорно јавно ги претставував, ама обвинителката Русковска и судијката Кацарска, никогаш не се ни обидоа да ја исправат таа нивна неправда. За првата веќе пишував, а втората, Кацарска, која долги години помина во основен суд, преку ноќ, со нарачани пресуди (27 април, Тенк и др.), нарачани од нејзините налагодавци (ненародната власт на Зоран Заев), се смести во Уставниот суд на РМ, и веднаш стана претседател на истиот. Тоа ти е метеорско напредување во нашето судство. И сега на ред за малтретирање се пензионерите. Замислете, таа се обидува да докаже дека линеарното покачување на пензиите било неуставно. Е како бе таа и само таа ги добива овие предмети? Ајде во кривичен “АКМИС“-от се лепеше само за неа, и така стана главна судијка-каубојка, која пресудува, како во дуелите на Дивиот Запад: прво ги гаѓа (дисциплинира) адвокатите, потоа ги малтретира и им се заканува на сведоците (Трајко Вељановски и др.), и на крај “ги отстрелува“ обвинетите, со драконски казни, за дела што не ги сториле. Тоа ти е Ана четири пиштола на македонското судство. Ама како сега и во Уставен, пак таа ќе им пресудува на пензионерите? Кацарска, внимавај! Овој пат се намеруваш на 335 000 пензионери. Не заслужиле тие, државата да им даде, а судијка која аминуваше 78% зголемување на платите на судиите, да им го одземе даденото. Уф, ќе биде интересно. Ептен интересно.
Подоцна, на Русковска и Кацарска им се придружија лукративни и коруптивни колеги од апелација и Врховниот суд и срамно ја потврдија нивната неправда. Е сега дојде време за наплаќање на фактурите, кои ова обвинителско-судско злосторничко здружение, ги пуштаа без покритие, и за тоа треба да платат. Јас, сигурно не сум некој авторитет за нив, ама Европскиот суд за човекови права во Стразбург, тоа сигурно е. Тој суд отвори постапка за повреда на правата на Гордана Јанкуловска(прекршување на правото на фер судење), осудена токму од Добрила Кацарска. Оваа креатура од судијка, не и овозможила на Јанкуловска пристап до документација(докази) и неможност тие во постапка да бидат оспорени. Кацарска и самата знае дека намерно, безобразно и свирепо, ја наруши рамноправноста на странките во предметот “Тенк“.
Втора асоцијација од исчитаното во пресудата ми е руската мисла: “Не се плаши од судот, туку од судијата“. Јас би додал и не се плаши од обвинителството, туку од обвинителот. Тука веќе од авион се гледа нехуманоста, загрижувачката зависнос, очебијната нестручност и ненормалната субјективност на обвинителката Русковска (според обвинителскиот акт) и на судијката Кацарска, видливи од пресудата што ја донела, која е од Гинисов тип, во негативна смисла.
И да заклучам: Со наведените две пресуди, базирана на обвинителните акти, а не на фактите, кои се очебијни, не на аргументите, кои се веродостојни, и не на доказите, кои се релевантни, судиката Кацарска, ни сервираше замаглена и первертитана слика за фактичката состојба на овие два предмети, во која: Привидот е поверодостоен од реалноста; Сликата е поважна од суштината; Впечатокот е побитен од вистината; и Илузијата е померлива од мерливиот доказ. Тоа го прави игнорирајќи и маргинилизирајќи факти, аргументи и докази кои се очебијни, веродостојни, утврдени, неспорни и релевантни, како такви предложени од бранителите на обвинетите, содржани во доказниот материјал и исказите на сослушаните сведоци, направените анализи и вештачења и исказите на самите обвинети, а ладнокрвно и срамно неприфатени и одбиени од судијката Кацарска. Од овие причини, моето видување за овие брскрајно срамни и брутално безобразни и безобзирни пресуди, е дека ги доживувам како раскината врска помеѓу правото, правдата/праведноста, моралот и вистината. Ете, тоа се некои од причините за 2% доверба во судството.
(продолжува)
Сотир Костов
*Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Денешен во целина.




