Португалската влада најави дека проширувањето на Европската унија не треба да има фиксни рокови, дека нејзините институции мора да се реформираат за да се прилагодат на новите членки, особено кога станува збор за одлучување, но и дека тоа е неопходно за кандидатот односно земјите аспиранти да ги исполнат своите задачи.

-Не е паметно да се поставуваат фиксни или многу конкретни рокови. Процесот на проширување се заснова на сопствените заслуги на кандидатите и оценката за нивниот капацитет и исполнувањето на критериумите од Копенхаген, изјави државниот секретар во Министерството за европски прашања Тиаго Антуњеш, пренесува Еурактив.

Антуњеш додаде дека проширувањето на ЕУ ќе биде „централен дел“ на состанокот во Гренада, на кој ќе учествува и македонскиот премиер Димитар Ковачевски.

-Тоа е апсолутен приоритет, кој од суштински геополитички причини доби ново значење, како за земјите од Западен Балкан, кои најдолго чекаат, така и за источната тројка Украина, Молдавија и Грузија, рече тој.

Според него, постои консензус дека проширувањето е инвестиција во мирот, безбедноста и стабилноста во Европа.

-Сакаме тоа да се случи, се надеваме што е можно поскоро. Земјите-кандидатки мора да го забрзаат реформскиот процес, особено во однос на владеењето на правото, што е суштински и фундаментален аспект. Наша обврска е да обезбедиме техничка помош и да им помогнеме на земјите кандидати во овој исклучително тежок процес на подготовка и интеграција во правното законодавство на Заедницата, заклучи тој.

Антуњеш, исто така, посочи дека потенцијален проблем може да биде гласањето, бидејќи веќе е доста тешко да се гласа со 27 членови, а камоли 35 или 36.

– Ова вклучува размислување за тоа што треба да се промени за да можеме ефективно да функционираме со повеќе земји-членки и повеќе различни земји-членки, рече Антуњеш.

Тој додаде дека проширувањето нема да биде без трошоци, кои, како што посочи, ќе треба да се предвидат во расправата за следната повеќегодишна финансиска рамка.