Училиштата и сите несуштински јавни услуги утре ќе бидат затворени во Португалија, откако во неколку региони е прогласен црвен метеоаларм поради приближување на бурата Чарлс до Пиринејскиот Полуостров.
– Сите што можат треба да останат дома … Утре ќе биде исклучително необичен ден, затоа е важно да останеме во нашите домови и да останеме безбедни, изјави португалскиот министер за внатрешни работи Луис Невес.
Португалскиот институт за море и атмосфера (ИПМА) соопшти дека островот Мадеира до крајот на денот ќе биде погоден од Чарлс, додека бурата до копнениот дел на Португалија се очекува утре претпладне.
Во осум подрачја во централна и јужна Португалија е прогласен црвен метеоаларм, меѓу кои и главниот град, Лисабон. Се предвидува дека ветерот ќе се движи со брзина од 100 до 120 километри на час, а долж брегот ќе достигне до 140 километри на час. Се очекуваат и обилни дождови.




