Португалскиот претседател Антонио Жозе Сегуро денеска стави вето на предлог-законот со кој се забранува истакнување знамиња од „идеолошка, партиска или асоцијативна природа“ на јавни објекти, се наведува во официјално соопштение.
Доколку законот биде усвоен, ќе се ограничи и употребата на повеќето странски знамиња надвор од официјални дипломатски настани, а на јавни места ќе може да бидат истакнати само националното знаме на Португалија, знамето на Европската Унија и официјалните институционални знамиња на државните органи, локалните власти, вооружените сили и безбедносните служби, пренесува бриселски Политико.
Ограничувањата би важеле за јавни згради, споменици, инсталации, фасади, ентериери и други простории што ги користат државните институции и локалните власти.
Предлог-законот, кој во април беше одобрен од десноцентристичката Социјалдемократска партија (ПСД), крајнодесничарската партија Чега и конзервативната ЦДС-ПП, сега се враќа во парламентот. Пратениците ќе можат да го изменат текстот или повторно да го изгласаат со апсолутно мнозинство, што би го обврзало Сегуро да го потпише и да стапи во сила како закон.
Минатиот месец градоначалникот на Лисабон, Карлос Моедаш, изјави дека не може да го истакне ЛГБТ-знамето пред градското собрание бидејќи новите правила би го забраниле тоа, иако законот сè уште официјално не е стапен во сила.
МИА




