Во центарот на Кичево е ставен во употреба првиот млекомат за свежо млеко во Македонија. Обезбеден е со средства од Европската Унија преку проектот АгроСмарт, спроведуван од Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), Хемера и ЦЕП Можности.
МРФП денеска соопшти дека жителите на Кичево и околината имаат модерен пристап до свежо кравјо млеко произведено од Земјоделската задруга „Крнино“ составена од членови од Манастирот „Св. Богородица Пречиста“.
– Млекото што се нуди преку млекоматот е свежо, со зачувани природни хранливи својства, без додатоци и конзерванси и во контролирани хигиенски и температурни услови, а освен млеко, потрошувачите имаат можност да си купат и сирење, рече Станоја Станојовски од Манастирот Света Богородица Пречиста, која е дел од Земјоделската задруга Крнино.
Лазар Неданоски од Македонската развојна фондација за претпријатија, пак, оцени дека млекоматот е пример како треба да се одвива модернизацијата на македонските фарми и да се осовременува продажбата на локалните земјоделски производи со достапните средства од Европската Унија.
На настанот, како што информира МФРП, присуствувал и Цветан Трипуновски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, кој рекол дека модернизацијата на земјоделството е во фокусот и на политиките и програмите на Министерството.
Дел од промоцијата беше и посета на фармата со крави во близина на манастирот Света Богородица Пречиста, каде е инсталирана линија за молзење крави и млекарата за производство на млечни производи.
фото: МРФП