На потомците на жртвите на нацистичкиот режим во Италија денеска, 80 години по злосторството, очекуваат да им бидат исплатени по околу 130.000 евра отштета врз основа на судската пресуда од 2020 година, а првите исплати се очекуваат до јануари.

Германските војници обесиле шест италијански цивили во Форнели во јужна Италија во октомври 1943 година како колективна казна за убиство на војници.

Сите, освен еден член од семејствата на жртвите, кои биле живи во моментот на убиството, сега се мртви, но според италијанскиот закон, исплатата на компензација им се пренесува на наследниците.

Во ироничен пресврт, Италија ќе мора да ги плати тие репарации пред Германија, откако ја загуби битката пред Меѓународниот суд на правдата во спорот околу тоа дали Берлин сè уште може да биде одговорен за репарации поврзани со злосторствата од Втората светска војна.

Еврејските организации во Италија сметаат дека Берлин треба да ја признае својата историска одговорност со плаќање компензација.

Потомците на жртвите стравуваат и дека Рим ја одложува исплатата на отштетата бидејќи тоа може да го оптовари државниот буџет.

Студијата финансирана од германската влада и објавена во 2016 година проценува дека 22.000 Италијанци биле жртви на нацистичките воени злосторства, вклучително и до 8.000 Евреи депортирани во концентрациони логори.

Уште илјадници Италијанци биле принудени да работат во Германија, врз основа на што Берлин треба да им плати репарации.

Потомците на шесте мажи кои беа обесени во Форнели ќе ги добијат првите средства од новиот владин фонд формиран за подмирување на побарувањата.

Нивното убиство се случило еден месец откако Италија потпишала примирје со сојузничките сили, со што заврши нејзината вмешаност во Втората светска војна, а германските нацисти веднаш ја започнаа окупацијата на италијанската територија.

Поранешниот италијански премиер Марио Драги формираше фонд во април 2022 година за покривање на зголемените трошоци за компензација.

Рокот за поднесување нови правни барања истече на 28 јуни и Министерството за финансии на Италија, кое се занимава со плаќањата, изјави дека добило известување за 1.228 правни барања досега.

Во секоја тужба веројатно ќе бидат вклучени повеќе тужители, што значи дека 61 милион евра наменети за репарации можеби не се доволни за покривање на сите очекувани исплати, велат адвокатите.

Врз основа на владиниот декрет издаден во јули, првите исплати треба да бидат извршени на потомците на жртвите од Форнели до јануари.