Се почна како од бајките. Македонија поведе по пола час игра против Украина со гол на Енис Барди од пенал, откако судијата Лукас Фендрих не виде чиста игра со рака, па ВАР го поправи и по прегледувањето на снимката покажа на белата точка.
Со рака играше Матвиенко, ситуација која судијата ја прегледуваше преку монитор и досуди пенал.
Барди шутира на едната страна, голманот се фрли на другата. Топката заврши во мрежата.
Десетина минути подоцна публиката на арената „Тодор Проески“ го виде еден од најубавите голови на Елиф Елмас и веќе водеве со 2:0. Со тој резултат се отиде на полувремето.
Во второто полувреме дојде до тотален пресврт, а македонската репрезентација ни оддалеку не наликуваше на таа од првото полувреме. Се играше 62-та минута кога Циганков одлично изведе корнер, а осамен во нашиот шеснаесетник остана Забрањи кој намали на 2:1. По само шест минути игра Украина веќе изедначи, Мудрик испрати топка од левата страна во шеснаестникот, до Конопја кој го матираше Димитриевски за 2:2.
Во 73-тата минута работата за нашата селекција стана уште потешка откако Муслиу заработи втор жолт картон и предвреме го заврши натпреварот. Бројчаната предност на теренот Украина знаеше како да ја искористи, па десет минути подоцна асистентот Циганков сега се запиша и во листата на стрелци и го постави конечниот резултат 3:2 за Украина.