Според анкетата што ја објави МКД.мк, трендот на партиите од оние испитаници кои се изјасниле дека ќе гласаат, во споредба со претходните анкети на МКД.мк, покажува голем раст на определеноста на гласачите за ВМРО-ДПМНЕ – од 21,8 отсто во февруари 2023 до 26,7% во декември. Кај СДСМ опаѓа популарноста кај испитаниците кои се определиле – од 12,4 % во февруари до 9,2 % во декември.
Кај ДУИ, како партија која е дел од владеачката коалиција, регистриран е раст кај определените гласачи – од 8,2 во февруари на 9,7 % во декември. Кај албанскиот политички блок, опозициската тројка, Беса, Алтернатива и Демократско движење на Изет Меџити, се далеку од процентот на популарност на ДУИ.
Пад на популарноста кај определените е регистриран и кај Левица – од 7,1 отсто во септември годинава, на 6,6 % во декември.
Повеќе од 60 отсто од испитаниците изјавиле дека ќе гласаат на следните избори. И тука забележлив е трендот на заинтересираноста на граѓаните за гласање. Во јуни таа бројка беше 56,8%, септември 52,2% и декември 61,2 отсто.
Анкетирањето беше спроведено од 8 до 15 декември со употреба на CATI метода – телефонско анкетирање со помош на компјутер на примерок од 1.067 испитаници со интервал на доверба 95% и маргина на грешка +-3%. Примерокот е репрезентативен на ниво на Македонија според: регион, пол, возраст и етничка припадност според податоците за резидентното население од пописот 2021 година.