Мултинационалната компанија „Теламон“ од САД денеска го потпиша договорот за реализација на својата инвестиција во Македонија која ќе достигне до 11 милиони евра. Ќе вработи 600 лица, а ќе произведува електрични кабли за автомобилската индустрија. Планира долгорочна соработка, а Македонија ја избрале помеѓу повеќе земји од Централна и Источан Европа за да го прошири своето производство од САД во Европа.
Договорот го потпишаа министерката за привлекување странски инвестиции Зорица Апостолска и директор на „Теламон“ Том Пуза. На потпишувањето на договорот присуствуваа премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за економски прашања Кочо Ангушев.
За министерката Апостолска потпишувањето на Договорот е потврда за успешната економска политика во делот на странските инвестиции.
Директорот на „Теламон“ Том Пуза посочи дека до крајот на годината очекуваат да имаат 50 вработени, веќе се примени првите, а првите производи до потрошувачите да ги испорачаат до есен.
Тој вели дека како американска компанија почетокот на работа во Европа е голем предизвик и оти е значајна помошта што ја добиваат тука. Целта на компанијата, вели, е сеопфатна и има за цел да има позитивно влијание врз сите засегнати страни и исто така е заинтересиран за долгорочна соработка.
Компанијата работи во Мексико, Кина и САД каде има претставништва на девет локации. Ова е прва фабрика во Европа.
Компанијата првично ќе инвестира четири милиони евра со вработување на 300 лица, а долгорочниот план е инвестиција од 11 милиони евра и 600 вработување.