Владата на СДСМ продолжува да се фали со проектите и инвестициите на ВМРО-ДПМНЕ. Инвестицијата на компанијата „Теламон“ е резултат на работата на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ и ангажманот на министерот Џери Наумоф.

Ова се вели во соопштението на ВМРО – ДПМНЕ, по повод денешното потпишување договор со споменатата американска компанија.

– Првиот контакт е направен во 2015-та година и од тогаш целокупното планирање и изготвување на план беше со силен ангажман и поддршка на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ. На владата на Заев им требаше цела година да склучат договор на она што речиси беше завршено во целост. Инвестициите на компанијата „Теламон“ и американската компанија „Дога“ чиј камен темелник ќе се случи наредната недела се дел од пакетот на 60 странски компании со кои беше во напредни преговори владата на ВМРО-ДПМНЕ, и е вистинска штета што од 60 компании до сега владата на СДСМ реализираше само 2 инвестиции, се вели во реакцијата.

Најголемата опозициска партија, натаму „им се заблагодаруваме што со ваквите свои чекори ја покажуваат огромната разлика помеѓу имањето на сериозни инвестиции и сега кога нема нови и сеуште се влече владата на оние сработени од претходната влада“.

– Со отпуштање на економските промотори, покачувањето на даноците и барањето на мито на странски инвеститори и констатираната корупција на највисоко ниво не може да се очекува напредок, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.