Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, заедно со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, во седиштето на Американска меѓународна финансиска корпорација за развој (ДФЦ) во Вашингтон, присуствуваа на свеченото потпишување договор за финансиска поддршка во износ од пет милиони долари, наменети за истражување критични минерали во Македонија.
Договорот, како што информираат од Кабинетот на Божиновска, е потпишан помеѓу Конор Колман, раководител на инвестиции во ДФЦ, и Ник Јовановски, извршен директор на „Пела глобал лимитед“.

– Финансиската поддршка претставува конкретен чекор во насока на развој на потенцијалот на критичните минерали како значаен сегмент од современите енергетски и индустриски политики. Со овој договор се отвораат можности за понатамошни инвестиции, истражувања и технолошки развој во согласност со глобалните трендови за обезбедување алтернативни извори на критични суровини – се наведува во соопштението од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Настанот се реализира во рамките на официјалната посета на владината делегација на Соединетите Американски Држави, при што претходно беше одржана билатерална средба со раководството на ДФЦ, на која, како што информираат, биле разгледани можностите за продлабочување на соработката и поддршка на конкретни проекти.

– Овој чекор претставува значаен сигнал за зголемен интерес за инвестирање во секторот на критични минерали во Македонија и дополнително ја потврдува стратешката соработка со САД во областа на енергетиката и ресурсите – се вели во соопштението од МЕРМС.
Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини




