Американската потпретседателка, Камала Харис, ќе отпатува во Полска и Романија во знак на поддршка за Украина, се наведува во соопштението на Белата куќа, пренесено од ДПА.
Харис ќе ги посети Варшава и Букурешт на 9 март, се наведува во соопштението на нејзината канцеларија.
-Нејзината посета ќе ја демонстрира силата и единството на НАТО и поддршката на САД за источните сојузници на Алијансата наспроти руската агресија. Исто така, ќе ги нагласи нашите колективни напори за поддршка на народот на Украина, се наведува во соопштението од нејзината канцеларија .
Таа ќе се сретне со лидерите на двете земји за да се координираат за нивниот одговор „на неиспровоцираната и неоправдана инвазија на Русија на Украина“, се додава во соопштението.
„Тие ќе разговараат за нашата континуирана поддршка за народот на Украина преку безбедносна, економска и хуманитарна помош и нашата решеност да наметнеме тешки економски последици врз Русија и оние кои се соучесници во руската инвазија“.
Состаноците на лидерите ќе се фокусираат и на тоа како САД можат да ги поддржат соседите на Украина за пречек на бегалците од конфликтот, пренесе германската агенција.