Минималните трошоци на едно семејство во февруари се зголемени за 313 денари во однос на јануари, покажуваат податоците на синдикалната потрошувачка кошничка.
Според денеска објавените податоци, вредноста на синдикалната минимална кошница во февруари изнесува 57.476 денари и во однос на јануари кога изнесувала 57.163 денари е зголемена за 313 денари.
Со изнајмен стан од 60 квадрати, минималните трошоци во февруари изнесуваат 72.851 денари и се зголемени за 213 денари во споредба со јануари.
Поделени по ставки, за трошоци за храна и пијалоци од минималната синдикална кошничка отпаѓаат 21.219 денари (36,9%), трошоците за образование изнесуваат 7.022 денари (12,2%), додека трошоците за транспорт се 4.956 денари (8.6%). Трошоците за облека и обувки изнесуваат 4.902 денари (8,5%), трошоците за станарина, вода, електрична енергија и греење се 6.014 денари (10,5%), 4.245 денари (7,4%) за рекреација и култура, додека за ресторан и хотели трошокот изнесува 3.733 денари (6,5%). Нешто околу 2.473 денари (4,3%) од трошоците отпаѓаат за комуникација, 1.797 денари (3,1%) за хигиена, 1.115 денари (1,9%) за здравје и 950 денари (1,7%) за останати стоки и услуги. Вредноста на кошничката во февруари е зголемена за 313 денари во споредба со претходниот месец, кога изнесуваше 57.163 денари. Минималната плата сега изнесува 20.175 денари. Во март годинава според најавите таа треба да се зголеми на 22.500 денари, а во тек се пресметките и за зголемување на минималната пензија.