Богато наоѓалиште на злато е пронајдено на локалитетот Чока Ракита во општина Жагубица на истокот на Србија, соопшти Министерството за рударство и енергетика на Србија.
Како што се наведува во соопштението, и прелиминарните резултати од технолошките испитувања покажуваат дека е можно да се произведе концентрат од чисто злато, со вкупна искористеност на златото поголема од 93 проценти.
Министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ изјави дека потенцијалните резерви се значајни во однос на количината на руда и содржината на злато.
„Она што треба да се напомене е дека проектот е во фаза на истражување, дека е потребно овие добри резултати да се потврдат преку нови истражувања, а потоа да се подготви студија која ќе ги верификува ресурсите и резервите“, рече Ѓедовиќ.
Информациите за новото наоѓалиште на злато ги изнесе претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на јавниот сервис на 15 декември 2022 година, но не откри каде се наоѓа.