Поранешниот премиер на Косово, пратеник на Демократскиот сојуз на Косово, Авдулах Хоти денеска изјави дека посетата на петмина претставници на ЕУ и САД е важна за дефинирање на чекорите во процесот на дијалог за конечен, правно обврзувачки договор за нормализација на односите и меѓусебно признавање на Косово и Србија.

„Договорот мора да биде во согласност со Уставот, со кој се зачувува унитарниот карактер на државата Косово, која еднаш засекогаш ги решава сите отворени прашања меѓу двете земји за да можат да тргнат кон европска интеграција“, напиша Хоти на социјалната мрежа Фејсбук.

Високи претставници на ЕУ, САД, Франција, Германија и Италија денеска се сретнаа со премиерот на Косово, Албин Курти, при што разговараа за понатамошните чекори во дијалогот и постигнување договор за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, врз основа на предлогот доставен до двете страни во декември минатата година.

Нивната посета, како што оцени специјалниот пратеник на ЕУ, Мирослав Лајчак, претставува важен сигнал за силна посветеност за постигнување договор меѓу Косово и Србија.

Тој рече дека средбата не била лесна и дека разговарале за декемврискиот предлог за нормализирање на односите меѓу двете земји.

„Мислам дека очекувавме поголемо разбирање за можностите што ги нуди овој предлог. Се надевам дека ќе ја достигнеме целта и ќе продолжиме да се ангажираме во таа насока“, изјави Лајчак по средбата со Курти.