Министерството за здравство на Косово информира денеска дека во земјата се потврдени 12 случаи на заразени од новата варијанта Делта Плус на Ковид-19, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во денешното соопштение на Министерството се наведува дека од 70 мостри испратени за анализа во Германија, покрај овие12, уште 47 други резултирале заразени со варијантата Делта.
Од Националниот институт за јавно здравство на Косово (ИКШПК) најавија дека идниот понеделник за проверка во лабораторија во Германија ќе се испратат дополнителни позитивни мостри собрани во последните две недели.
ИКШПК наведува дека во последно време е забележан значителен пад на бројот на новозаразени, но предупредува на опасноста од брзо ширење на новата варијанта на вирусот.
– Ситуацијата со Ковид-19 во Косово бележи пад на бројот на нови случаи за 19,11 отсто во спредба со последните две недели, како и на бројот на починати пациенти. Тимовите на ИКШПК постојано ги испитуват и следат сите можни извори со цел да се спречи натамошното ширење на заразата, раното детектирање на случаите и можните импликации по здравјето на луѓето од новата варијанта Делта ПЛУС (…) Иако варијантата Делта и натаму е доминантна (79,66%), постои опасност од брзо ширење на новата варијанта Делта ПЛУС, се вели во соопштението.
Последните пар недели во Косово дневно се регистрираат во просек по десет до дваесетина новозаразени и по ниеден или еден до двајца починати од Ковид-19, а бројот на активни случаи, според последните, вчерашни, официјални статистики изнесува 447.