Русија испрати два авиона бомбардери во патрола над воздушниот простор на Белорусија.

Два бомбардери Ту-22М3 испратени од Русија во Белорусија можат да носат нуклеарни, како и хиперсонични бомби дизајнирани да ја заобиколат софистицираната западна воздушна одбрана.

Одлуката на Москва се оценува како знак на поддршка за Белорусија во време кога Европска Унија разгледува санкции против Минск поради мигрантската криза на границата со Полска.

Полските власти претходно соопштија дека мигрантите од белоруската страна на границата синоќа неколку пати се обиделе насилно да влезат во Полска.

ЕУ, која повеќе пати досега ја санкционираше Белорусија за кршење на човековите права, го обвинува Минск дека внесува мигранти од Блискиот Исток, Авганистан и Африка, а потоа ги принудува преку полската граница да предизвикаат хаос на истокот на ЕУ.

Амбасадорите на 27-те земји-членки денеска се согласија дека тоа е „хибридна војна“ на белорускиот претседател Александар Лукашенко и дека постои правна основа за нова рунда санкции.