Промената на денот на словенската писменост, 24 мај, денот на св. Кирил и Методиј, во Бугарија со тоа дека кирилицата е бугарска азбука. Со оглед на тоа овој ден се одбележува како ден на бугарската азбука, образование и култура но и на словенската литература, како што наведува бугарската пратеничка Марија Цветкова. Таа се повикува за тоа на дискусијата на научниците и претставниците на БАН но и на тоа дека тоа е нешто што, според неа, и целиот свет, веќе, го разбира.
Ваквиот приод покажува, меѓутоа, одново, претенциозност кирилицата, да се поврзе со св. Кирил иако таа не е создадена од св. Кирил. Па, оттаму не може никако да биде поврзувана со одбележувањето на 24 мај, денот на првопросветителите, св. Кирил и Методиј. Уште помалку и како ден на словенската литература поврзана со бугарската азбука, образование и култура.
Во лингвистиката ова прашање е расчистено, рано, во 20 век. Прашањата која е првата азбука и кој ја составил расчистени се во лингвистичката дискусија за делото „Сказанија о писменех“ од Црноризец Храбар. Делото претставува апологија на подвигот на словенските први учители, а лингвистиката ги расчистува прашањата за тоа која е првата словенска азбука, за која азбука станува збор и за тоа кој ја составил. Делото е мошне важниот извор и за прашањето за Кириловата азбука. А познато е преку 60-тина бугарски, руски и српски преписи.
Црноризец Храбар живеел приближно на крајот на 9-тиот век или во десеттиот век. За него единствено може да се дознае од неговото дело „Сказанија о писменех“. Се мисли дека живеел во западниот дел од тогашното бугарско царство, впрочем, каде што и најголемиот дел од Методиевите ученици, по прогонот од Моравска, нашле уточиште. Рускиот славист Лавров поклонува поголема веројатност за западнословенското потекло на Храбар.
Бидејќи Храбар во своето дело „Сказанија о писменех“ води полемика со Грците истакнувајќи ги предностите на словенското над грчкото писмо, станува збор за прва филолошка расправа за словенскиот јазик.
Но, истовремено, и можност да согледаме дека словенската литература стои на висок степен на развиток влегувајќи во полемика со Грците, Славистот Вилински укажува притоа дека, всушност, станува збор за одбрана на надмоќта на писмото кое го составил Кирил над грчкото писмо.
При расчистувањето на прашањето за глаголицата, како азбука која ја составил Кирил, во лингвистичката дискусија околу делото на Храбар „Сказанија о писменех“, се поставува, како првенствено, и прашањето дали во времето на Храбар постоеле две или една азбука оносно ако е една која би била таа. Како што се поставува и прашањето дали во тоа време се составувала и нова азбука или дека се работи само за превод на книгите по Кирила. Според славистот Лавров, заклучокот е дека Храбар знаел само за една азбука, иако се поставува прашањето за која азбука знаел? – За глаголицата или за кирилицата?
Бидејќи во делото на Храбар се говори дека азбуката на Кирил е составена од 24 слова земени од грчката алфабета и од 14 што се составени за специјалните словенски гласови и за кои немало слова во грчката алфабета, дало основа едни да мислат дека е тоа глаголицата а други дека е тоа кирилицата, затоа што и двете азбуки имаат ист број слова: 38. Како што и многу научници ќе сметаат дека Храбаровиот трактат не би можел да се однесува на глаголицата, затоа што словенската азбука, составена по угледот на грчката, може да се однесува единствено на кирилицата чија основа и било грчкото уставно писмо.
Според славистот Ватрослав Јагиќ, заклучно, Храбар можел да знае само за глаголицата што ја составил св. Кирил. Затоа што кирилицата, според Јагиќ е настаната во Симеоновиот период (927-993) на Бугарското царство кога е земено грчкото унцијално писмо од 9-тиот век. Кирилицата оттаму била создадена, не порано од 914 година, односно не порано од 916 година кога починал св. Климент. Што значи дека кирилицата е создадена во времето помеѓу 916 и 927 година, па Храбар не можел да ја познава.
Оттаму и заклучокот дека делото „Сказанија о писменех“ од Црноризец Храбар настанува на почетокот од 10 век, во епохата која е близу до епохата на првите учители. Така што Црноризец Храбар своето дело го напишал пред Симеоновата победа над Грците (914). И оттаму и заклучокот дека Глаголицата е азбуката која толку силно ја бранел Црноризец Храбар во своето дело „Сказанија о писменех“.
Дека глаголицата е постара од кирилицата, според Круме Кепески, говорат следните аргументи: а) Кирилицата е посовремена така што со повеќе знаци се обележуваат звуците; б) „Палимпсестите“ (покасната преинака на глаголските слова со кирилични во словенските ракописи) се директен доказ дека глаголицата е постара од кирилицата; и в) Како најважен аргумент во корист на глаголицата е дека таа се употребувала во Чешкоморавска затоа, како што знаеме, Кирил и Методиј таму и ја отпочнале својата дејност.
Што дава за право за заклучокот дека Кирил ја составил глаголицата. И дека глаголицата е постарата азбука од кирилицата. И дека заобиколувањето на утврдените научни сознанија во бугарската јавност за кирилицата и за нејзината првозначност за словенската литература очигледно дека е од други причини. (Ј. К.)
(Според анализата направена од Круме Кепески: „Кој бил Храбар и која азбука ја имал наум?“ (Белград, 1932 година), објавена во: Круме Кепески, „Статии и анализи за македонскиот јазик“, Македоника, 2014 год.)