Повеќе  лица загинаа при тешко слетување на хеликоптер на Далечниот Исток на Русија, во Камчатка, јави Тасс, повикувајќи се на извор од итни спасувачки служби, пренесе ДПА.

-Според прелиминарните податоци, при тешкото слетување на хеликоптерот, осум лица загинаа, а останатите осум се спасени. Хеликоптерот потона, соопшти Тасс рано утринава, повикувајќи се на изворот.

Руската агенција подоцна ја цитираше Марина Волкова, заменик-министер за здравство на Камчатка, дека девет лица преживеале. Се верува дека во хеликоптерот Ми-8 имало 13 туристи и тројца членови на екипажот.

-Се истражуваат информациите за останатите туристи и членови на екипажот, кажа Волкова.

Тасс пренесе дека во 50 минути по полноќ по московско време (21.50 часот по средноевропско време) добила информации за „тешко слетување на хеликоптер „Ми-8“ на компанијата „Витајаз-Аеро“ во област на Курилското Езеро, во резерватот Кронотски”.