Со години наназад голем дел од руралните средини во тетовскиот регион имаат небезбедна вода за пиење. И полугодишните извештаи на Центарот за јавно здравје Тетово покажуваат дека 67 проценти од мострите земени од чешми во повеќето села не одговараат по правилниците и стандардите. Дел од жителите сепак ја пијат водата, но повеќето купуваат или полнат од проверени чешми, објавува ТВ Телма.
Процентот е повисок кај крајпатните чешми и изнесува 76, вели доктор Ратко Давидовски, раководител на Одделението за хигиена и здравствена екологија.
„Најчесто се работи за колиформни бактерии, што ни се показател дека може нешто многу потешко да се случи, а домицилното население се навикнале на таа вода, што не е добра пракса. Многу да бидеме внимателни кога се оди по излети кога имаме чешми, да не се консумира затоа што се бактериолошки небезбедни во огромен број на проценти“ вели д-р Ратко Давидовски од Центар за јавно здравје Тетово
Ваквата состојба е присутна кај селските водоводи кај кои нема грижа од комуналните претпријатија, а најчестата причина за тоа се финансиите, но д-р Давидовски потенцира дека мора да биде воведена редовна и континуирана дезинфекција.
„Не се врши редовна дезинфекција на водата, не се врши контрола на извориштата, не се вршат чистење на каптажите, зашто и извориштата и каптажите треба една годишно да се чистат, нема оформени или ако има заштитни зони не се одржуваат, тоа значи прва заштитна зона е зона на забрана и околу резервоарите и околу извориштата, секако нестручно одржување, меѓутоа главна причина е невоведување на дезинфекција, вели д-р Ратко Давидовски од Центар за јавно здравје Тетово.
Доктор Давидовски апелира и посетителите на Шар Планина да носат флаширана вода, односно да не ја користат водата од планинските извори, зашто често истата е загадена и ретко се контролира. Водата во градот, пак, е безбедна за пиење.