Од скопската Инфективна клиника денеска информираа дека „лекот кој е единствен на располагање во тешки клинички форми на болест е пристигнат во државата во текот на вчерашниот ден, а пациентката која е заразена со конго-кримска хеморагична треска е стабилна, со повремено покачена температура“.

„Пациентката, која се инфицираше во тек на својата работа е стабилна со повремено покачена температура, без други симптоми на болест. Лабораториските анализи на крвта се следат дневно и се ординира терапија. Во наредните неколку дена, според можниот развој на болеста, очекуваме фаза во која може да се случи влошување на состојбата“ – велат од Инфективна.

„Вчера беа реализирани и веб конзилијарни состаноци со колеги кои ја следат оваа болест во светот и имаат огромно искуство“ информираат од Клиниката.

Досега ниту еден од вработените на Клиниката кои беа под медицински надзор нема пројавено симптоми на болест.

На 30 јули годинава почина жена од Штипско, по убод од крлеж. Од неа се зарази болничарка, која моментно е на Инфективната клиника.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ) издаде решенија за изолација за 29 контакти, а само болничарката пројави симптоми.