Министерството за државна управа и локална самоуправа на Србија денеска преку соопштение ги повика припадниците на националните малцинства, меѓу кои и македонското, кои ги исполнуваат општите услови за стекнување на избирачко право во Србија, да се запишат во Посебниот избирачки список, со што би се стекнале со правото да избираат и да бидат избрани на изборите за свој Национален совет.
Како што се наведува во соопштението, изборите ќе бидат распишани во август, а ќе се одржат наесен оваа година.
Според српскиот Закон за националните совети на националните малцинства и според неодамна усвоените измени и дополнувања, прецизно се дефинира целата процедура, која според ова министерство е оценета како транспарентна и демократска.
Со неодамна усвоените во Собранието измени и дополнувања на Законот за националните совети на националните малцинства се унапредува нивната работа, појасно се дефинираат и ускладуваат нивните надлежности, се намалува нивната прекумерена политизација, се овозможува нивното транспарентно финансирање и се унапредува ажурирањето на подадоците кои се водат во посебниот избирачки список за секое национално малцинство во Србија.
Припадниците на македонското национално малцинство, доколку сакаат да учествуваат на изборите за националните совети, на доброволна база треба лично да се запишат на посебен образец, кој во писмена форма го понесуваат до општинската или градската управа на местото на живеење во Србија, со што се стекнуваат со право да учествуват во избирачкиот процес, да избираат или да бидат избрани за членови на својот национален совет.
Министерството за државна управа и локална самоуправа на Србија, потсетува дека во зависност од бројот на запишани граѓани во посебниот избирачки список, ќе зависи и дали одредени национални совети ќе бидат бирани на непосредни или на електорски избори.
Националните совети во Србија, меѓу кои е и Македонскиот национален совет, е институција преку која националните малцинства во Србија ги остваруваат своите со устав загарантирани права во образованието, културата, информирањето, употребата на јазикот и писмото.
Националните совети се финансираат од буџетот на Републиката, од автономната покраина и единиците на локалната самоуправа и како и останатите организации кои се носители на јавни овластувања, важно е да работат и средствата да ги трошат транспарентно.
Но, на повеќе досегашни средби на Македонците во Србија, како и на средбите со преставниците на македонските власти, беа искажани големи проблеми и неслога, со обвинувања на работата на постоечкиот Национален совет и распределбата на финасиски средба меѓу нив.
Во Србија според последниот попис од 2011 година, за разлика од минатите години, бројот на Македонците опаѓа, или 22.755 лица се изјасниле како припадници на македонската националност, што е околу 0,32 отсто од вкупниот број на жители во Србија. Според неофицијалните проценки во Србија живеат над 100.000 Македонци.