По шестмесечен застој на случајот „Тендери“, во кој обвинета е екс министерката Елизабета Канческа -Милевска, нема да се оддржи ниту судското рочиште закажано за утре во Кривичниот суд, известува Фокус.

-Главната расправа за предметот„Тендери“, насрочена за 18.10.2022 година во 13:00 часот се отповикува. Заради интерес на медиумите и невладините организации кои ја следат работата на судот, ја информираме јавноста дека расправата се отповикува со оглед да предметот, со сите списи, се уште не е вратен од надлежното Биро за судски вештачења, каде е доставен со наредба за супер вештачење, информираат од Кривичниот суд.

Од судот додаваат дека следното рочиште е закажано за 23-ти ноември.

Наредбата за супервештачење беше издадена на 6 април, што значи дека поминала половина година од тогаш.

Судењето за „Тендери“ минатата година по петти пат почна од почеток, бидејќи трипати се враќаше на стартната позиција поради проток на 90 дена од рочиште до рочиште, а двапати поради смена на судија поротник.

Или низ години, истрагата беше отворена во 2016 година, судењето стартуваше на почетокот на 2018 година, а кон крајот на 2022 година сѐ уште тече.

Предметот „Тендери“ потекнува од СЈО, а задолжен за него беше обвинителот Стевчо Донев, кој од неодамна е виш јавен обвинител. Според обвинението, екс министерката се гони за наместен тендер со „Бетон Штип“, кој вредел милион евра. Спорното, според обвинителството, е тоа што било договорено фирмата да почне да работи, а тендерот да се објави подоцна.