Судењето за предметот во кој обвинет е поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири, денеска повторно е одложено, овој пат на неопределено, поради здравствените проблеми на поранешниот функционер, објави Фактор.
Последното рочиште беше одложено бидејќи Зеќири, според лекарите, не е во добра здравствена состојба.
Основниот кривичен суд Скопје соопшти дека судењето за предметот во кој му се суди на екс генералниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири нема да се одржи. Неизвесно е и кога истото би продолжи и ќе зависи каква ќе биде здравствената состојба на Зеќири.
Од Основниот кривичен суд во Скопје информиураа дека „… до судот е доставено ново стручно мислење на вешто лице – психијатар, според кое заради дестабилизација на психичката состојба на обвинетиот М.З., се препорачува одлагање на судењата во следните три до четири недели. Со оглед да се работи за здравствена состојба, судењето ќе биде одложено, а главната расправа ќе се насочи во координација со останатите странки во постапката, како и согласно препораката на вештото лице, за што јавноста ќе биде дополнително известена“, информираа од Основниот кривичен суд Скопје.
Зеќири, според обвинението, како генерален секретар на Владата, во мандатот на Зоран Заев и на Димитар Ковачевски, приватно склучил договори за консултантски услуги за анализа на состојбите во поштата и железницата. Поточно, тој е обвинет дека го оштетил државниот буџет за над еден милион евра.