Седум лица од Виница кои се пожалиле на труење со храна се задржани на лекување во инфективното одделение во Клиничката болница во Штип.
Од Здравствениот дом во Виница потврдија дека во изминатите два дена кај нив на преглед се јавиле поголем број пациенти со стомачни проблеми, главно со симптоми на повраќање и дијареа, од кои дел биле препратени во штипската болница.
Најголем број од затруените се пожалиле дека јаделе храна од сендвичарница во Виница, но дел од нив биле на прослави и во соседните градови.
– Вкупно 215 лица се евидентирани со симптоми на труење, од кои половината се вработени во една виничка компанија. Повеќето посочиле дека консумирале храна од седнвичарница уште во петокот, по што побарале лекарска помош во текот на викендот, истакна Горан Николов, едидемиолог во Центарот за јавно здравје.
Од Центарот за јавно здравје во Кочани информираа дека веќе се земени примероци од храната и од работните површини во сендвичарницата и резултатите се очекуваат утре, а превентивно од страна на санитарната инспекција е издадено решение за забрана за работење.
За една недела ова е втор поголем случај на труење со храна во Виница, откако минатиот вторник пет лица беа задржани на лекување во болницата во Штип, при што се пожалија дека консумирале производи од слаткарница.