Пожарот што избувна во готската катедрала во францускиот град Нант денеска е под контрола, соопштија официјални лица.
Според нив, штетата не е споредлива со минатогодишниот пожар во катедралата Нотр-Дам во Париз.
– Штета е направена на органата што се чини дека е целосно уништена. Платформата е многу нестабилна и може да пропадне, изјави регионалниот пожарникарски началник Лорен Ферлеј, на брифинг пред катедралата.
Катедралата Свети Петар и Павле во Нант е една од најголемите готски катедрали во Франција. Нејзината изградба започнала во 1434 година и траела 457 години – до 1891 година.
Пожарот избувнал во внатрешноста на готскиот објект и пожарникарите биле повикани набргу по 7.30 часот. Екипа од 70 пожарникари беше испратена на местото на пожарот.
Отворена истрага за подметнат пожар во катедралата во Нант
Јавното обвинителство на Нант отвори истрага за подметнување пожар во катедралата „Свети Петар и Павле“ во Нант, кој е изгаснат по брзата интервенција на пожарникарите. Пожарот беше забележан на три места, големата оргула и на двете страни на бродот на катедралата.
Како што јави дописникот на МИА од Париз, за отворањето на истрагата не се чекаше многу, само три часа откако избувна. Истрагата се однесува на намерно подметнат пожар.
– Експерт за противпожарна заштита со седиште во Париз ќе биде на лице место во текот на денот. За истрагата е задолжена правосудната полиција на Нант, изјави обвинителот на Нант, Пјер Сенес.
Тој прецизира дека во оваа фаза истрагата е отворена за подметнување пожар. – Не може да се извлече заклучок сега, бидејќи сè уште има многу работи што можат да донесат нови елементи во истрагата, рече Сенес.
Обвинителот за француските медиуми изјави дека ќе има „голема работа на констатации, од страна на техничката и научна полиција, под надлежност на истражните органи“. Експертот за противпожарна заштита, исто така, ќе донесе одлучна помош при откривање на точното потекло на инцидентот.
Францускиот премиер Жан Кастекс најави дека во текот на денот ќе биде на местото на настанот.