Републичкиот центар за управување со кризи од Велес известува дека во село Чемерско во општина Кавадарци, има пожар во старечкиот дом.
На терен се 10 пожарникари со три противпожарни возила и интервенираат.
Исто така во терен има уште три медицински тима и две полициски коли со осум полицајци. Во меѓувреме се евакуираат 30 лица кои се сместени во старечкиот дом со две мини возила (минибуси), се додава во известувањето.
– Пожар го зафатил старечкиот дом во кавадаречкото село Чемерско, во кој се сместени триесет лица. Информацијата ја потврди за МИА, градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.
Тој додаде дека на терен се тимови на пожарникари, медицински лица и полицајци.
-Нема жртва, тоа е најбитно. Приоритет беше да се извлечат на безбедно сите лица што престојуваат во домот. Имаме пратено два минибуса, пет амбулантни возила и ќе се транспортираат сите до Општа болница Кавадарци, од каде што семејствата ќе можат да си ги земат, истакна градоначалникот.
Фото: Архива