Три лица загинаа во шумскиот пожар во северна Калифорнија, што принуди илјадници луѓе да ги напуштат своите домови, соопштија властите.
Полицијата за локалните медиуми изјави дека една од жртвите е возач кој најверојатно се обидел да избега од пожарот, пренесува Би-Би-Си.
Шерифот во округот Бјут, североисточно од Сан Франциско, изјави дека телата на две лица биле пронајдени на една локација, а на третото лице на друга.
Стотици домови и други објекти се оштетени или уништени во пожарот североисточно од Сан Франциско, изјавија пожарникарите на прес-конференција.
Пожарот го загрозува и градот Парадајс во Калифорнија, кој беше уништен пред две години во најсмртоносниот пожар во историјата на таа сојузна држава, што предизвика застој во сообраќајот, бидејќи паничните граѓани се обидоа да избегаат.
Калифорнија се соочува со повеќе од 20 шумски пожари, од кои три се најголеми во нејзината историја.
Од минатиот месец во пожарите загинаа 11 лица.