Екипа пожарникари од Доброволното противпожарно друштво од Кочани доцна синоќа интервенираа во спасување повредена и дезориентирана птица од загрозениот вид источноевропски царски орел.
По добиената пријава од граѓани кои забележале дека птицата долго време стоела на кров од викендичка на Пониква, на лице место се упатиле четири пожарникари со едно возило.
Пожарот во околината на селото Зеленград, што изминатите денови се прошири на планинските падини, го зафати и заштитениот предел Осоговски Планини кое е живеалиште на царскиот орел, а од кој во државата е останат мал број двојки.
Членовите на ДПД – Кочани упатија уште еден апел да не се пали оган на отворен простор за да не се предизвика пожар од што, освен шумите, се уништува и животинскиот свет.