Пожарот, што попладнево избувна во кругот на фабриката Жито Битола е локализиран и ставен под контрола. Нема опасност за ширење, но тешко оди неговото гаснење, па пожарникарите ќе останат на терен цела ноќ. Ангажирани се сите 27 пожарникари од битолската единица, а на помош пристигна и против-пожарно возило на РЕК-Битола.
Од против-пожарната единица велат дека огнот се гасне многу внимателно, затоа што станува збор за многу ризичен и опасен објект бидејќи подот е од штици премачкани со масло, што ги заштитувало од црвојадина. Има ризик ако пожарникарите влезат внатре, да се урне целиот објект.
Во моментов, се чуваат силосите, кои се во непосредна близина, и кои се полни со жито. Се претпоставува дека пожарот почнал од покривот, кој сега е целосно изгорен. Објектот е стар 120 години.
Пожарот е пријавен во 17 часот и 20 минути, а очевидци велат дека се запали зградата каде биле сместени административниот дел, а имало и склад со брашно. Пожарникарите ќе останат цела ноќ. Битолскиот градоначалник Тони Коњановски, кој беше на местото, вели дека во моментот кога избил пожарот во фабриката имало двајца вработени, кои навремено биле евакуирани.