Пожарот кој синоќа беше подметнат на дваесетина километри од Кавадарци, но пожарникарите успеаја да го стават под контрола, попладнево е реактивиран, соопштија од Дирекцијата за заштита и спасување.
Оттаму велат дека огнот е проширен на тешко пристапен терен, а се интервенира и со два „ер трактори“.
Градоначалникот Митко Јанчев во објава на фејсбук, вели дека пожарот e во околината на сeлото Раец и состојбата останува сериозна.
-Сите расположливи екипи се на терен и вложуваат максимални напори за локализирање на огнената стихија. Во гаснењето се вклучени пожарникарите, екипите на Дирекцијата за заштита и спасување со воздушна поддршка со два авиони, припадници на Министерството за внатрешни работи, Граничната полиција, како и екипи од Шумско стопанство – Кавадарци – напиша градоначалникот.
Тој додаде дека борбата со огнот продолжува без прекин, а сите служби координирано и пожртвувано работат за да се спречи понатамошното ширење на пожарот.
-Апелираме до граѓаните да не се движат во загрозените подрачја, да ги почитуваат насоките на надлежните служби и веднаш да пријават доколку забележат ново жариште или сомнително однесување – истакна градоначалникот Јанчев.




