СДСМ денеска го поздрави брзото постапување на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) која, како што велат, оформила предмет за случајот со судирот на интереси, непотизам и корупција поврзан со тендерите што ги добил сопругот на државната секретарка во Министерството за дигитална трансформација.
– Повеќе од јасно е дека министерот Стефан Андоновски е вмешан и главен одговорен за овој случај. Чекорот на ДКСК е во вистинска насока, но сега е на ред Јавното обвинителство – правдата мора да биде задоволена, се наведува во соопштението.
Од СДСМ велат дека фактите се кристално јасни, бидејќи компанијата на сопругот на Клинчарова добила два тендера, а министерот Андоновски прво се обидувал да сокрие, а потоа и да ја оправда оваа скандалозна ситуација со апсурдни изговори.
Ова, како што истакнуваат од СДСМ, не е само судир на интереси, туку е очигледен случај на корупција.
Од СДСМ најавуваат дека во текот на денот ќе изнесат дополнителни докази кои ќе ѝ помогнат на ДКСК, но и на сите надлежни институции, во целосно расчистување на овој случај.
– Не постои никаков простор за различен исход – обвинение мора да следи. Тендерските мрежи на ВМРО-ДПМНЕ мора да бидат разобличени, а одговорните санкционирани. СДСМ нема да дозволи оваа афера да биде заташкана – секој чинител во оваа криминална мрежа мора да одговара пред законот! Очекуваме итно дејствување на Обвинителството, велат од СДСМ.