Најголемиот феномен на српската народна музика, пеачот и автор на многу хитови, Миланче Радосављевиќ (74), кој живее во Бариќ покрај Обреновац, во младоста доживеал клиничка смрт по удар од гром, пишува белградски Блиц.

Приказната на неговиот живот е една од најбизарните. Пеачот доживеал клиничка смрт по удар од гром, а неговото семејство го погребало заедно со армониката која едвам ја купил, зашто чинела тогашни 25 000 динари, а платата на татко му изнесувала 6 000 динари.

Како што прераскажуваат локалните жители, гром удрил во дрвото под кое Радосављевиќ седел. Потоа, бил погребан со неговата армоника.

Веднаш по погребот, крадци тргнале да ја украдат армониката. Го откопале гробот, и имале што да видат: Миланче бил жив! Како што се раскажува, тој во тој момент засвирел со армониката, а крадците почнале да бегаат кој каде стигне.

Сфаќајќи што се случило, Миланче тргнал кон својот дом весел, благословувајќи ги крадците, зашто без нив ќе останел закопан. Се појавил на домашната врата носејќи ја армониката. Неговиот татко ги барал крадците за да ги награди, но без успех.

Пеачот останал жив и здрав, но со одредени последици од ударот на громот. По некое чудо, професорот по музика го примил на часови по армоника, со оглед на тоа што имал неправилно распоредени прсти на едната рака, како последица на ударот. Миланче наскоро почнал да пее по тамошните кафани, по што бил забележан од еден менаџер и така тргнала неговата кариера.

Денес, на 74 години, тој е оженет, има две деца и четири внуци. Себе се смета за среќен и задоволен човек. Благодарение на крадците.