Вие го навредивте целиот македонски народ со ваквиот ваш игнорантски однос кон нивната мака, која е ваш резултат, се обрати денеска пратеничката Дафина Стојаноска во обраќањето кон премиерот Димитар Ковачевски кој разрешува министри и составува нова Влада, а не е присутен во собраниската сала каде втора недела се реконструира Владата.
– Пред малку, со мојот говор, го испровоцирав Таче да стане и да го види сала. Следуваат видеа…, објави Стојаноска на Фејсбук.
Претходно пратеничката Стојаноска упати критики кон премиерот за несериозниот однос во разрешувањето и изборот на нови министри:
– Имавте цела година да покажете дека барем малку имате намера и план од негде да почнете. Вие, уште непочнат, застанавте… Од Македонија направивте непристојно место за живеење, како за Македонците, така за Албанците, Турците, Србите, Ромите, Бошњаците и сите останати. Сите подеднакво се незадоволни: и болните – и здравите, и вработените – и невработените, и младите – и возрасните… Понесопособен од Вас не беше ниту Заев. Успеавте и него да го надминете. Каков пораз за еден универзитетски професор, наспроти некој кој бегал од часови?!? Срам сте за сите, ама најмногу за себе!- рече Стојаноска од говорницата во Собранието.
Веќе втора недела се разрешуваат стари министри, а кога ќе биде гласањето за изборот на нови не се знае, зависи колку време ќе трае оваа маратонска седница.