Владата размислува и ги гледа сите можни опции за одделување на плажите од надлежностите на општините Охрид и Струга во делот на стопанисување со плажите, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Одговарајќи на пратеничко прашање од пратеничката Нола Исмајлоска Старова за тоа кога ќе се случи мораториумот за градба на охридското крајбрежје, Сугарески рече дека е соочен со овој проблем и согласно Законот за располагање со градежно земјиште ингеренциите се под општините Охрид и Струга.
– Се гледаат сите можни опции за да не се случуваат и понатаму вакви работи, државата да си ги преземе сите надлежности, но тоа мора да го најдеме низ законска опција. Точно ги знам заклучоците од надзорната расправа на УНЕСКО и врз база на тоа со заклучок на Влада имаме донесено дека треба да се преземат сите обврски за државата да стопанисува со крјабрежното подрачје и во Охрид и во Струга. Во најбрз временски рок очекуваме дека ќе биде поднесена измена и дополнување на законот со цел со плажите да располага Министерството за транспорт и врски, рече Сугаревски.
Заменик министерот за култура Владимир Лазовски, одговарајќи на пратеничко прашање, рече дека министерството им планови и е во преговори со општинската администрација во Струга за музејот Неглобински да добие соодветни простории и услови во старата зграда во ОУ „Браќа Миладиновци“.
Нола Исмајлоска Старова го праша вицепремиер Кочо Анѓушев дали ќе се зголемат бодовите на платите на заменици претседатели на владата, на што тој возврати дека не може да одговори за ова прашање, бидејќи тој својата плата целосно ја донира преку Министерството за труд и социјална политика и не знае колку изнесува.
– Знам дека имаше иницијатива од Левица, која што постави прашање зошто постојат потпретседатели на влада и најде некоја неусогласеност. После тоа Уставниот суд донесе решение дека треба да се усогласи и се усогласи дека нашите називи не се потпретседатели на Влада, туку заменици претседатели на Влада и во тој момент веројатно се дефинирал коефицинет на плата што и претходно постоел како таков. Сепак ќе ја проверам информацијата и дополнително ќе ве информирам, изјави Анѓушев.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, на пратеничко прашање од пратеникот Илија Николовски од Партија на обединети пензионери и граѓани на Македонија за измените на Законот за ПИОМ, рече дека сите пензионери кои решиле да ја примаат својата пензија може да бидат ангажирани согласно Законот за работни односи член 252 по авторски договор и со тоа може да продолжат да работат.
– Не може да има два паралелни процеси. Едниот да биде исплата на пензија, а другиот лицето активно да биде пријавено како работоспособно лице. Во Македонија пензионирањето се остварува со 62 и 64 години со тенденција да имаме што поголем број млади лица во работните позиции, но со цел искористување на капацитетот на пензионираните лица се дава можност и тие да бидат ангажирани, рече Царовска.
Посочи дека смета дека овие одредби се противуставни и дискриминирачки.
– Одредбата од член 148 се однесува на случај кога корисник на пензија сака да го продолжи својот работен век и тука утврдуваме дека неговата пензија мора да мирува. Важно е за граѓаните да знаат дека додека пензијата мирува а се склучи нов работен однос од 12 месеци и доколку платата е поповолна од претходниот период пред да се пензионира лицето, се пресметува пензија поповолна и лицето ќе добие поголема пензија кога повторно ќе реши да го раскине тој договор и да оствари право на пензија, рече Царовска.
Седницата на која се поставуваат пратенички прашања ќе продолжи по редовната пауза од еден час.