Албанскот претседател Илир Мета со признанието „Витез на редот на знамето“ постхумно го одликува Стерјо Спасе, познат албански писател со македонско потекло.

Признанието го прими неговиот син Илинден Спасе, на научниот симпозиум “Животот и литературното дело на Стерјо Спасе”, што денеска се одржува во албанскиот град Корча.

-Со огромно задоволство ја прифатив поканата да учествувам на овој симпозиум, кој го вреднува и го чествува животот и делото на големиот интелектуалец и писател Стерјо Спасе и искрено им честитам на Универзитетот „Фан С. Ноли“ и македонското друштво „Сонце“ за органзацјата на овој настан. Стерјо Спасе останува писател, граѓанин, интелектуалец, публицист, кој го создаде својот историски обем и е дел од оние личности кои на историјата и дадоа посебен квалитет, рече Мета.

Неговиот познат роман „Зошто” го најави создавањето на современа литература во Албанија, рече Мета и додаде дека Стерјо Спасе е значајна личност не само во Албанија туку на Балканот и Европа.

-Како истакнат син на македонската заедница, Стерјо Спасе стана духовна инспирација и мост на соработка меѓу Албанците и Македонците. Животот, активноста и делата на оваа посебна и истакната личност е хармонична симбиоза во еден човек на двете општества или народа во полза на хармонија и љубовта. Вечно да е неговото дело. Стерјо Спасе секогаш ќе остане едно и неделливо, оцени Мета.

На симпозиумот освен познати научни работници од Македонија и од Албанија, присуствуваа и македонскиот министер за дијаспора Едмонд Адеми и македонскот амбасадор во Тирана Данчо Марковски.

Стерјо Спасе, роден е во село Глобочени, Мала Преспа во 1914, а почина во Тирана во 1989 годна. Тој е познат писател со македонско потекло и е еден од најзначајните претставници на современата албанска литература. Познат е и како антологичар, преведувач, учебникар и собирач на македонски народни умотворби во Мала Преспа.

Покрај во Албанија, се школувал на Универзитетот Флоренца во Италија, додека магистрирал во тогашниот СССР. Автор е на петнаесеттина романи и многу раскази. Негово најпознато книжевно дело е романот „Од живот за живот – зошто?“,кој е напишан во вид на дневник и се фокусира  на една трагична  дилема на млад интелектуалец на село.

И неговиот син Илинден Спасе, универзитетски професор во пензија, пишува на албански и на македонски јазик. Автор е на повеќе збирки раскази. Член е на Друштвото на писателите на Република Македонија. Синот на Илинден, Аријан Спасе е вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Албанија во Република Унгарија.